• Зоран Мишевски

Иако ривал од четвртиот шешир, Рајн Некар Левен е најквалитетна екипа во групата Д на Европската лига, во која игра уште и нашиот Еурофарм Пелистер. Битолчани можеа да се уверат во моќта на тимот од Бундеслигата и во второто полувреме во Гудме, каде данскиот вицешампион беше разбиен од Шмит, Генсхајмер, Грецки...
Кружниот напаѓач Томислав Кушан верува дека физички екипата е во подобар ритам отколку пред една недела.
„Мислам дека двата натпревари игравме добро. На првиот натпревар немавме среќа и загубивме на второто најтешко гостување во групата. Против Кадетен Шафхаузен исто така бевме добри, посебно во првиот дел, но немавме сили да го извлечеме целиот натпревар. Тој карантин, кој сите го прележавме, скапо нè чинеше“, смета кружниот напаѓач.
Поранешниот ракометар на Натурхаус Ла Риоха го опиша денешниот противник и позитивните страните на „лавовите“.
„Натпреварот против Рајн Некар Левен сигурно е најтешко гостување. Се работи за најквалитетна екипа во натпреварувањето. Но, ќе играме на победа и ќе дадеме максимум, па што сака нека биде. Најголем квалитет им е полуконтра и контра, играат брз ракомет. Често комбинираат со пивотменот, нивниот среден бек е еден од најдобрите во светот, Енди Шмит. Тоа се нивните најсилни страни, кои ќе се обидеме да ги затвориме“, заврши Кушан.
- Видео изјавата на Томислав Кушан:
Вардар е единствена македонска екипа која во последната деценија извојувала победа на германско тло во натпревари од евро-куповите.