Куманово успешно ја затвори сезоната без пораз, триумф и за Вардар

Ракометарките на Куманово ја завршија најуспешната сезона во својата историја, освојувајќи ја двојната круна во Суперлигата и Купот на Македонија. Денес во рамките на последното коло, кумановки на гостински терен славеа триумф над ЖРК Гевгелија од 32-25 (15-6). Во натпревар со низок интензитет, искуството и квалитетот испливаа на површина, за убедлива победа на крајот и успешен финиш на сезоната. На овој дуел, најефикасна ракометарка беше Бети Петковска од Гевгелија со седум реализации, додека Кипријановска од Куманово погоди шест пати. 

Победа во последното коло запишаа и ракометарките на ЖРК Вардар, на гостувањето во Ѓорче Петров од 46-21 (18-6), со што сезоната ја завршија на второто место зад шампионот. Со фуриозен старт од 11-1, „црвено-црните“ девојки најавија дека сакаат триумф, а во продолжението ѓорчепетровки само бледо парираа. Во второто полувреме разликата драстично порасна и дојде до максимални +25, со финалниот резултат. Со осум погодоци најефикасна беше Ѓеоргиевска, седум даде Стефановска, а по шест Попова и Миновска, додека во таборот на Ѓорче Петров се истакна Божиновска со седум реализации. 

На останатите терени, ЖРК Металург запиша победа од десет голови разлика (42-32) на гости кај Спартак, минимално славје имаше Стружанка над ЖРК Деспина (22-21), а убедлива партија одиграа и ракометарките на Пелистер кои славеа над Кузман Вардар (44-27).