• Горан Упале

Еурофарм Пелистер ја оправда фаворитската улога и пред својата публика славеше убедлива победа над Куманово од 36-23, во првиот натпревар од шестото коло во ракометната Суперлига.
- Комплетниот натпревар:
Гостите добро му парираа на вицешампионот во воведните минути и до седмата минута имаа резултатска рамнотежа (4-4). Сепак, битолчани брзо ја презедоа целосната контрола над играта, направија серија и се одлепија на пет гола разлика (11-6). Како што одминуваше првото полувреме, предноста на домаќините растеше, па Еурофарм Пелистер на паузата замина со убедливи 18-11.
Вториот дел донесе целосна доминација на „зелено-белите“, кои уште во воведните минути стигнаа до двоцифрена предност и практично ги решија сите дилеми околу победникот. До крајот избраниците на Лино Червар рутински ја одржуваа разликата и заслужено се радуваа на триумф од 36-23.
Прв стрелец во битолскиот табор беше Филип Кузмановски со седум гола, еден помалку имаше Петар Атанасијевиќ, додека пет од пет имаше Рудолф Хагбарт. Кај Куманово одново најпрецизен беше Костов со осум гола.
За Еурофарм Пелистер ова е петта победа на шест одиграни натпревари во домашното првенство, додека Куманово и понатаму е без триумф. Гостите досега имаат пет порази и едно реми.





