• Саше Љолес

Ракометарите на Еурофарм Пелистер успешно ја завршија задачата во првиот натпревар од втората четвртфинална група во Купот на Македонија и лесно го совладаа тимот на Куманово со конечни 43-30 (22-14). Тренерот Раул Алонсо им даде слободно претпладне на Митревски и Радивојевиќ, а ни минута не добија Ивиќ и Хосни. Цел натпревар на голот бранеше Давид Брестовац, а солидна минутажа имаа Ѓорговски, Павле Атанасијевиќ, Ристевски, Петровиќ и повратникот Цехте.
- Комплетниот натпревар помеѓу Еурофарм Пелистер и Куманово:
Актуелниот шампион имаше осум гола предност по истекот на првото полувреме (22-14), а во вториот дел само рутински ја доработи задачата и сега го очекува победникот од вториот дуел во оваа конкуренција помеѓу екипите на Струга и Радовиш.
Кумановци немаа никакви шанси да го изненадат фаворизираниот ривал, додека битолчани со полна пареа итаа кон триумфот и ќе бидат на само чекор од пласман на завршниот турнир.
Најефикасен во победничкиот тим беше Дејан Манасков со осум голови, Павле Петровиќ постигна уште седум, а на спротивната страна ист учинок имаше Гиљерме да Силва Фернандес.