• Мартин Танасковски

Екипата на Куманово го одбрани домашниот терен и забележа победа над Пролет (23-21) во дуелот кој се одигра во рамки на осумнаесеттото коло на македонската ракометна Суперлига.
- Комплетниот натпревар меѓу Куманово и Пролет 62:
Кумановчани освоија бодови пред својата публика и на ривалот му зададоа голем удар во битката за плеј-офот. Пролет имаше шанса да му се приближи на Бутел кој загуби од Тиквеш, ама си ги расипа математиките.
Мечот во Куманово беше израмнет, Пролет цело време имаше проблем да се одлепи во првиот дел. Иако бегаше на два до три гола предност, Куманово со расположени голмани и ефикасен напад се враќаше. На паузата резултатот гласеше 11-12 за Пролет, а случувањата се променија кога Куманово го отвори вториот дел со серија од 4-0 и поведе.
Оттогаш, домаќинот не ја испушти позитивата. Пролет беше ставен во позиција да брка, ама против себе го имаше и расположениот голман Трајковски. Најдобар стрелец кај Куманово беше Давид Димевски со шест гола, а Цветковски, Јакимовски и Гиљерме Да Силва погодија по четири пати, а кај Пролет, Давор Палевски имаше десет реализации.