• Сашо Поповски
Полуфиналните натпревари од ракометниот Куп на Македонија во машка конкуренција беа одиграни вчера, а денес на сцена ќе стапат девојките, кои ќе се борат за финале во Купот на Македонија.
Бранителот на тронот ЖРК Куманово прв ќе истрча на терен и ќе се сретне со ЖРК Металург. Кумановчанки се фаворити за пласман во уште еден меч за титулата која ја освојуваа во претходните две изданија на натпреварувањето. Вториот финалист ќе се бара од дуелот меѓу ЖРК Ѓорче Петров и ЖРК Чаир.
Првото полуфинале е закажано за терминот од 14:00 часот. Вториот натпревар ќе се одигра три часа подоцна, а финалната пресметка е на програмата в недела со почеток од 17:00 часот.
Натпреварите од завршницата во Купот на Македонија оваа година се играат во салата „Јасмин“ во Кавадарци.