Кукуловски: Изгинавме на терен и резултатот си дојде сам по себе

Екипата на Охрид славеше победа во уште едно ракометно дерби. Финалистот во ЕХФ Европскиот Куп беше поуспешен од актуелниот шампион во истото натпреварување Алкалоид, откако во „Автокоманда“ триумфираше со минимални 26-27.

По средбата македонскиот ракометар Дејан Кукуловски не го криеше задоволството од новиот голем успех на „гладијаторите“, потенцирајќи дека сите ракометари изгинаа на паркетот.

„Честитки за противничката екипа, за фер и коректната игра. Тежок натпревар, немавме многу време за подготовка, но го дадовме максимумот како и секогаш. Имавме грешки, но сепак, го контролиравме натпреварот. Изгинавме на теренот и резултатот си дојде сам по себе“, рече македонскиот бек.

Со оваа победа Охрид се искачи на втората позиција на табелата и таму ќе остане во случај Еурофарм Пелистер не слави на утрешното дерби со Вардар 1961 во Скопје.