Кукуловски и Атанасијевиќ го отпишаа Скопје, Еурофарм Пелистер 2 фаќа ритам во лигата

Екипата на Еурофарм Пелистер 2 по подолго време врза две победи во тековната сезона во Суперлигата. Во рамките од 12. коло од групата Б, младите пелистерци славенички се враќаат од Скопје, откако со сигурни 23-28 (12-14) го совладаа составот предводен од Горан Кузманоски. 

Со оваа победа „зелено-белите“ се зацврстија на четвртата позиција, последна која што води во плеј-оф, но со оглед на распоредот кои го имаат до крајот на овој дел од шампионатот нема да биде изненадување доколку дополнително напредуваат на табелата. Скопје, пак, го забележа десеттиот пораз и остана на двете победи против Радовиш и Јуниор Кисела Вода, против кои во плеј-аутот ќе води битка за опстанок во елитата.

  • Комплетниот натпревар меѓу Скопје и Еурофарм Пелистер 2:

Што се однесува до натпреварот во Скопје, Еурофарм Пелистер 2 ја имаше улогата на фаворит, но до посакуваните бодови стигна потешко од очекуваното. Домаќинот имаше одличен старт и долго време беше тимот кој што го имаше водството на своја страна, но во финишот квалитетот на пелистерци дојде до израз и со мини-серија се избори за предност од два гола на полувреме (12-14). 

Избраниците на Александар Јовиќ, како што го завршија првиот, во ист ритам го отворија и вториот дел и за првпат посериозно се одлепија. Сепак, Скопје имаше одговор и се врати на само два негатива, но немаше сили за целосен пресврт и му подаде рака на противникот за извојуваната победа (23-28). Во редовите на пелистерци лидери беа Кукуловски со седум и Петар Атанасијевиќ со шест гола, додека за домаќинот се истакна Јакимовски со седум погодоци.

Ракомет
Суперлига 2022/23
Група Б

Скопје – Еурофарм Пелистер 2 23-28 (12-14)

Спортска сала „Форца“ - Скопје
Гледачи: 200
Судии: Виктор Андонов и Стојанче Јовановски

Скопје:
Стојкоски, Мишевски 1, Чакалиќ 3, Тркалевски, Јакимовски 7, Радовановиќ, Митиќ 2, Христов, Пешкирски 1, Грујовски 2, Димчевски, Стојановски, Киселовски 3, Блажаевски, Трајковски, Барјактаревиќ 4
Седмерци: 8/6
Исклучувања: 20 минути

Еурофарм Пелистер 2:
Печурица, Јовановски, Бошњак, Ристевски, Кукуловски 7, Митревски, Јовановски, Димовски, Талевски 3, Петровиќ 4, Пет. Атанасијевиќ 6, Ивановски 4, Буторац 1, Белистојановски 3, Блажевски, Арсеновски
Седмерци: 4/4
Исклучувања: 10 минути