Кукоски: Вардар е секогаш фаворит, но ние сакаме изненадување во Скопје

Ракометарите на ГРК Охрид имаат пред себе тешко гостување кај екипата на Вардар 1961 и ќе се обидат да го изненадат фаворитот во натпреварот од десеттото коло во Суперлигата. 

Охриѓани ќе допатуваат во Скопје со голема желба за надигрување и евентуален позитивен исход, а со сличен став е и искусниот лев бек, Милорад Кукоски. 

„Вардар е секогаш фаворит на домашен терен. Имаме пред себе тежок меч, но ќе се обидеме да извлечеме добар резултат. И ние и Вардар имаме густ распоред, така што немавме многу време за одмор. 

Сакаме со борбена игра и голема концентрација да пробаме да го изненадиме противникот. Ако ни се укаже шанса, мора да ја искористиме, иако знаеме дека мисијата нема да биде воопшто лесна“, изјави Кукоски. 

Дербито од десеттото суперлигашко коло меѓу Вардар 1961 и ГРК Охрид е закажано за втори ноември, со почеток во 18:00 часот.