Кудуз: Загреб нѐ казни во ова балканско дерби

Анте Кудуз немаше свој ден во дресот на Вардар 1961. Само еден погодок постигнат во првото полувреме против ППД Загреб (23-22) беше постигнувањето на играчот кој во претходното коло имаше 9/9 против Кил.

По натпреварот и поразот во Хрватска, бекот истакна дека двата тима одиграле еден чуден натпревар кој се менувал како на филмска лента.

„Прво сакам да му честитам на ППД Загреб за победата и како се подигнува од натпревар во натпревар, тоа е убаво да се гледа. Овој натпревар беше доста чуден. Во првиот дел создававме добри шанси, не игравме лошо во нападот, но промашувавме. Нешто одбрани голманот, нешто заврши во стативата, но се држевме рамноправно до ривалот.

Во вториот дел ситуацијата се сврте, противникот почна да греши, но како што одминуваше натпреварот, во одлучувачките моменти кога требаше да одиграме онака како што треба, не го направивме тоа, а противникот ги казни нашите грешки во ова балканско дерби“, изјави Кудуз.

Вардар 1961 сега на своето конто има седум порази во низа. Покрај од ППД Загреб, тимот по двапати загуби од Кил и ПИК Сегед, а исто потклекна и пред Алборг и Монпелје.