• Мартин Танасковски
Ракометарот кој ќе игра за Вардар во следната сезона, хрватскиот лев бек Анте Кудуз, преживува тешки моменти во Романија поради непрофесионалноста на Динамо Букурешт. Хрватот е исфрлен на улица поради неплатена кирија, веќе трети ден е надвор од домот, а целата голгота низ која минува ја раскажа за „Јутарњи Лист“.
>>> Новиот вардарец исфрлен на улица: „Не заслужувам ваков третман од Динамо...“
Моментално, тој е кај пријател од Србија, кој е во Романија, ама како одбојкар. Вели дека не се чувствува удобно затоа што сите имаат семејства и е „заробен“ во Букурешт.
„Преспивам кај пријатели и соиграчи, но незгодно е затоа што сите имаат семејства. Моментално сум кај пријател од Србија, инаку одбојкар. Ужасно е, што да кажам, немам ни маица да се пресоблечам. Само да дојдам до моите работи ќе ми биде полесно. Вака, заробен сум во Букурешт и чекам на состанок на клубот за ситуацијата да има разврска... Искрено, се надевам дека ова ќе заврши што е можно побрзо, не можам да верувам дека таков клуб како Динамо може да го дозволи ова. Се надевам дека во Вардар, каде ќе играм догодина ќе ми биде полесно“, вели Кудуз.
Дали постои некоја причина за ова, Кудуз не знае, но се сомнева дека тоа може да е трансферот во Вардар.
„Не знам, според мене не, затоа што клубот по договорот се обврзува да плаќа кирија за играчите. Ништо немам погрешено, единствена причина може да е дека ги известив дека по крајот на договорот одам во Вардар. Тоа би можело да биде причина, но можеби и не...“, додава Хрватот.
>>> ОФИЦИЈАЛНО: Вардар го потврди трансферот на Анте Кудуз!
Кудуз во изминатите две сезони беше најдобар играч на Динамо Букурешт, а важи и за миленик на навивачите, па прашање е како фановите ќе реагираат на овој потег.