Кржељ: И покрај поразот, беше позитивно за играчите да играат во ваков амбиент

Ракометарите на Партизан не успеаја да го изненадат фаворитот и загубија на гостувањето кај Вардар 1961 во рамките на СЕХА лигата со 31-26. По средбата, на стандардната средба со новинарите, се обрати тренерот Дарио Кржељ, кој во обраќањето на медиумите рече:

„Што се однесува до атмосферата, беше одлична. Ова беше позитивно за моите играчи да играат во ваков амбиент. Честитав на младите момчиња во мојот тим за играта, се покажаа. За нас ова беше натпревар за воигрување, бидејќи нè очекува тежок натпревар во српското првенство. Му честитам на Вардар за победата“. 

Покрај предводникот на тимот, на прес-конференцијата се обрати и ракометарот Иван Мичиќ. 

„Игравме во одлична атмосфера, достојна за еден двократен европски првак. Се надевам дека и нашите навивачи ќе направат слична атмосфера во реваншот. Ова за мене и целата екипа е втор СЕХА-натпревар, а имаме и по една средба во лигата. Пруживме солиден отпор, имавме шанса и да поведеме, но на крајот Вардар 1961 одигра искусно и дојде до победата.“, изјави Мичиќ.  

Вардар 1961 ја запиша првата победа во групата, па во третото коло против Татран Прешов ќе има шанса да го презеде врвот на табелата.