• Иван Димовски

Еден од новајлиите во редовите на ракометниот клуб Вардар е српскиот бек Младен Крсманчиќ. Србинот имаше шанса да се запознае со целиот тим, соиграчите и тренерскиот колектив на вардарци, а неговите првични импресии од Скопје и клубот се позитивни.
Крсманчиќ најави дека ги дели истите амбиции како и управата на клубот и сите во него. Исто така, се осврна и на големото ривалство кое владее во македонскиот ракомет меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер.
„Многу добро се чувстувам, луѓето во клубот ме прифатија одлично. Денес се запознав и со целиот тим, слушнав само добри работи за Вардар. Веќе познавав неколкумина од Србија кои се дел од клубот. Добро се аклиматизирав, Скопје ми се допаѓа. Што се однесува до целите на клубот, почнуваме со сериозна работа уште од првиот ден. Амбициите секако дека се титули во првенството и Купот, како и добар настап на европската сцена.
Го чекам своето прво „вечно-дерби“ против битолчани. Видов дека минатата сезона имаше и некои нереди, се надевам дека тоа ќе се прескокне оваа година. Во спортот и ракометот не е потребно, сакаме позитивна енергија. Такво дерби и такво ривалство мора да се искористи во позитивен дух, за да напредува ракометот. Секако се надевам дека ќе ги загрозиме и ќе извлечеме подобри резултати“, ни изјави Крсманчиќ.
Вардарци почнаа со тренинзи во СЦ „Јане Сандански“. На крајот на месецов следи преселба во Маврово, а потоа ќе се тренира пак во Скопје до турнирите во Струга и Охрид.