„Крпениот“ Пелистер водеше на полувреме, но Вардар славенички си замина од Битола

По неочекуваниот пораз во финалето на Купот од Металург, екипата на Вардар во два дена запиша две победи во плеј-офот на Суперлигата. Вчера падна тимот на Бутел, а вечерва вардарци лесно го „искачија“ разнишаниот Пелистер (24-31), со што го продолжија максималниот учинок во домашниот шампионат (шест од шест).

Целосниот натпревар меѓу Пелистер и Вардар:

Кризата во битолскиот клуб е повеќе од очигледна. По заминувањата на Димитровски и тренерот Петковиќ, раководството на клубот се реши до крајот на сезоната да ги суспендира зимските засилувања Станојевиќ, Гуглета и Ѓорѓески, а во тимот ги немаше ниту повредените Петров и Лековиќ. Сепак и покрај „крпениот“ состав, Пелистер одлично се држеше со големиот фаворот, особено во првите 30 минути, во кои не само што не дозволи Вардар резултатски да се одлепи, туки и на пауза замина со водство од 15-14.

Стартот на мечот им пропадна на вардарци, кои преку брзите крила Поповски и Дибиров за краток период си обезбедија позитива од три гола, која кон средината на првиот дел се зголеми на пет (5-10). Сепак, мотивираните битолски ракометари не се предадоа и носени од одличните Поповиќ, Кобетиќ и Дрогришки константно го намалуваа водството на гостите, за на полувреме да заминат со заслужена предност од 15-14. 

„Зелено-белите“ и на почетокот на вториот дел продолжија со допадливиот ракомет и зголемија на 16-14, но Вардар ја зацврсти одбраната и со лесни голови повторно го презеде водството, кое не го испушти до крајот на мечот. Дибиров и Мораеш ги искористија одбраните во серија на Милосављев, а Кисељев со бомба од девет метри го одведе својот тим на +6 во финалните десет минути (21-27).

Во финишот од мечот Парондо им даде шанса на сите ракометари, кои ја искористија пружената можност за докажување и го одведоа Вардар до победа од 24-31. Најдобар во победата беше Поповски со 11 гола, а Карачиќ и Кисељев дадоа по пет погодоци, додека кај Пелистер, Табенгует запиша шест гола.

Сега, пред Вардар следуваат нови два натпревари за два дена. В сабота ќе се сретне со Бутел, а на 21 мај ќе го пречека тимот на Еурофарм Работник.

Суперлига, ПЛЕЈ ОФ МАЖИ
ОН П Н И Гол. ГР Форма Бод.
1 ВардарВардар 9 8 0 1 295:252 43 24
2 Еурофарм РаботникЕурофарм Работник 9 7 0 2 284:229 55 21
3 МеталургМеталург 9 5 0 4 275:274 1 15
4 Бутел СкопјеБутел Скопје 9 3 0 6 241:250 -9 9
5 ПелистерПелистер 9 2 0 7 249:279 -30 6
6 Пролет 62Пролет 62 9 2 0 7 223:283 -60 6