Кристопанс: Бундеслигата е ептен луда, повеќе одошто очекував

Даинис Кристопанс реши да го напушти Вардар среде сезона и да се пресели во Германија каде го облече дресот на Фуксе Берлин. Летонецот е задоволен од трансферот и од тимот на „лисиците“, а потенцира дека лигата е многу луда.

„Какви ми се импресиите за Бундеслигата? Ако се држам до мојата поента, ракометот е многу едноставен и физички спорт. Германската ракометна лига е ептен луда, повеќе одошто очекував. Мислам дека токму поради тоа германските клубови со исклучок на Кил имаат потешкотии на европската сцена, иако располагаат со огромни ресурси“, вели Кристопанс.

Коронавирусот го прекина првенството во Германија, а Кристопанс раскажа како го минува времето.

„Сите играчи се слободни. Седиме дома. Имаме тренинг-програма која ја работиме индивидуално. Сите се оптимисти дека првенството ќе може да се доигра. Истото го сакаат и клубовите затоа што ако не се доигра, ќе се забележи голема загуба кога се работи за билетите и спонзорите“, додаде тој.

За Фуксе Берлин, Кристопанс има само пофални зборови, но е свесен дека на тимот не му одат во прилог повредите кои го снајдаоа пред шампионатот да застане.

„Многу играчи во тимот ни се повредени. Вклучувајќи го и голманот Дејан Милосављев кој имаше фантастична прва полусезона. Не можеше да се работи во целост, да се воиграме. Потоа следеше и промена на тренерот. Во изминатите мечеви малку се подигнавме. Ако сите се здрави, Фуксе Берлин е многу силен тим“, заврши Летонецот.

Бундеслигата ќе донесе одлука околу иднината на 19 април, до кога ќе трае прекинот поради коронавирусот.