Кристијанштад доаѓа во Скопје „истрошен“ од напорниот ноември

Кристијанштад

Лидерот во шведското првенство, Кристијанштад оваа сабота ќе му гостува на Вардар во рамки од 10. коло, последно за оваа година во Лигата на шампионите.

Ноември беше тежок месец за шведскиот шампион, кој одигра девет меча во 28 дена, па со „празни батерии“ ќе се обиде да го изненади европскиот првак среде Скопје. Тоа ќе биде тешка задача за избраниците на Ола Линдгрен, а бодови од ова гостување за нив ќе биде голем успех.

Оваа сезона, никој не успеал да си замине од СЦ „Јане Сандански“ без пораз, а единствени екипи, кои му одзедоа бодови на вардарци се Рајн Некар Левен и ПИК Сегед, и тоа пред своите гледачи.

Во 6. коло, македонскиот претставник освои два бода на гостувањето во Шведска, извојувајќи победа од 23-26. Со нов триумф, „црвено-црните“ ќе ја продолжат серијата без пораз во европските натпревари и ќе останат на врвот на групата А.

Кристијанштад стравува од Штербик на голот, корпулентниот Стоилов на линијата од шест метри и „моторот“ на екипата Циндриќ, како и убиствените Дибиров и Чупиќ.

Дали Швеѓаните ќе најдат лек за Вардар, ќе видиме в сабота со почеток од 17.30 часот.