Кристијан Дисингер, ѕвездата на германскиот ракомет спречена да блесне од повредите

Дисингер насловна

Од утрово и официјално, Кристијан Дисингер е нов член на Вардар. Роберто Гарсија Парондо ќе добие засилување на левата бековска позиција од играч, чија кариера беше одбележана од тешките повреди.

26-годишниот Германец беше еден од оние од кои најмногу се очекуваше во родната држава во последната декада. Траекторијата на оваа германска ѕвезда донесе големи контрасти, најпрво надеж и високи очекувања, а потоа повреди, фрустрации и недостаток на среќа.

Уште во 2011 година, кога Дисингер имаше само 19 години, пристигна првата пречка за развој на ракометниот талент, кој и тоа како од него се очекуваше. Повредата на вкрстените лигаменти на левото колено го остави една година без настап. Шест месеци откако се појави, повторно следуваше чекор назад и повторно повредите го спречија да го продолжи напредокот.

Иста повреда, овојпат на другата нога, го спречи германскиот ракометар да заигра за Атлетико Мадрид на Талант Душебаев, кој набрзо згасна. Подобри денови пристигнаа во Либек во 2014 година, кои му донесоа трансфер во Кил, кој важи за еден од најдобрите клубови во Европа.

Слична епизода од неговата кариера се случи во 2016 година, кога популарните „лоши момчиња“ играа финале на Европското првенство против Шпанија. Болките во ногата го натераа да го напушти теренот против Русија во нокаут фазата, кога беше најдобар стрелец на теренот, а истите го оставија и без настап на остатокот од турнирот.

Повредите го натераа Кил да го стави во втор план, а останатите млади таленти, Никола Билик и Лукас Нилсон, се наметнаа пред него. Изминатите две сезони за германскиот гигант беа едни од најлошите во историјата, па и тоа не му беше од голема корист.

Неодмна следуваше „развод“, кој резултираше со преселба во Македонија и нова шанса за докажување во дресот на Вардар. Македонскиот првак е меѓу најдобрите четири европски екипи во претходните две сезони, а со неговото доаѓање амбициите сигурно ќе пораснат со надеж дела ќе се повтори успехот пред две години, кога вардарци се искачија на врвот на Европа.