• Сашо Поповски
Титулата во Лигата на шампионите втора година во низа завршува во витрините на Виперс Кристиансанд. Норвешкиот тим го доби финалето против Ѓер (31-33) и го одбрани тронот во Лигата на шампионите.
Унгарскиот гигант започна добро и наметна свое темпо на игра. Противникот немаше одговор во воведниот дел од мечот, кога тимот Амброс Мартин стигна до највисоки 9-6. Меѓутоа следуваше неочекуван пад во играта на Ѓер, кој ракометарките на Кристиансанд го искористија максимално. Тие ја казнија секоја грешка и направија серија 7-1 со кој целосно се вратија во игра и го презедоа водството на паузата (13-15).
Долго време во продолжението се играше гол за гол. Унгарскиот претставник постојано беше во негатива и не можеше да се врати во егал. Во последните пет минути се влезе со идентична позитива за шампионот од првиот дел. Ѓер правеше максимални напори за да остане „жив“ во финалето, но на крај не успеа во тоа. Кристиансанд запиша победа и втора година во низа застана на европскиот трон.
Јерабкова постигна шест, а Кнедликова и Гулден запишаа по пет гола и беа најзаслужни за новиот трофеј на норвешкиот клуб. Кај Ѓер се издвои Хансен со шест реализации. Во „малото финале“ претходно Мец ја доби битката со Есбјерг.