Кречмар: Кузмановски мора да игра повеќе, на Магдебург му требаат шутери! 

Германскиот ракометен гигант Магдебург не бележи резултати според очекувањата во новата сезона на Бундеслигата. По позитивниот старт, тимот влезе во лоша серија и по девет одиграни кола во домашниот шампионат има скор од пет победи и четири порази и се наоѓа на разочарувачкото осмо место на табелата. 

Фановите на клубот, па и германската јавност веќе бараат одговорност за слабите резултати. Прв на мета е тренерот Бенет Вигет, кој вчера даде чудна изјава во која образложи зошто не може да смета на нашиот Филип Кузмановски, кој ова лето го засили тимот. 

Сепак, на еден начин во одбрана на македонскиот репрезентативец застана легендата на клубот, Штефан Кречмар, кој истакна дека Кузмановски мора да игра. 

„Кога тимот не може да развие контра напади, потребни му се шутери. Затоа сметам дека треба да направи некакви промени во офанзивата. Филип Кузмановски и Криштоф Стајнерт мора да играат. Стајнерт можеби не се докажа досега, а Кузмановски игра многу малку и не можам да формирам став за него“, изјави Кречмар. 

Магдебург прерано ги заврши и настапите во домашниот Куп, откако во осминафиналето беше елиминиран од Фуксе Берлин.