„Кралот“ Лазаров е неприкосновен меѓу стрелците во досегашните изданија на Ф4 турнирот

За време на викендот ќе биде познат новиот шампион во Лигата на шампионите и наследникот на екипата на Кил.

Првиот полуфинален пар го сочинуваат Нант и Барселона, а во второто полуфинале силите ќе ги одмерат Алборг и Пари Сен Жермен. Фаворити за место во мечот за титула се каталонскиот гигант на Чави Пасквал и парижани предводени од Раул Гонзалез.

Фактите велат дека дури 334 ракометари учествувале на завршниот турнир, кој започна да се одржува од сезоната 2009/10. Многумина од нив се запишале во листата на стрелци и станале дел од историјата.

Најдобар меѓу нив е македонскиот селектор и капитен Кирил Лазаров (65). Ветеранот во редовите на Нант има нешто повеќе од пет гола по натпревар на 12 натпревари. 

Зад него е Микел Хансен кој има 60 (12 натпревари), а трет на листата најдобри стрелци е Арон Палмарсон со 59 погодоци (18 натпревари).