Краљевски: ЖРК Куманово има перспектива, ќе биде на врвот и без мене

Ненад Краљевски направи голем успех со ЖРК Куманово, ја освои првата „двојна круна“ во историјата на клубот, но поради приватни причини реши да си замине од клубот и да се врати во татковината Србија.

По историскиот резултат, Краљевски им се заблагодари на сите во клубот и потенцира дека ЖРК Куманово има перспектива и верува дека овој тим ќе биде повторно на врвот во женскиот македонски ракомет и следната сезона.

„Морам да ѝ се заблагодарам на управата на исклучително добрата соработка и довербата. Овој успех немаше да го оствариме ако немавме исклучително талентирани девојки кои беа максимално посветени низ сите тренинзи. Во една специфична сезона, успеавме да дојдеме до зацртаните цели. ЖРК Куманово има перспектива, ќе биде на врвот и во наредните сезони, тоа и од срце им го посакувам. По еден долг период желба ми е да се вратам во Србија со семејството“, изјави Краљевски.

Српскиот стратег има понуди од екипи, меѓу нив и машки ракометни колективи, а што и како ќе прави понатаму во кариерата допрва ќе одлучи.