Краљевски: Дојдовме до историја за градот Куманово по права драма

ЖРК Куманово пред својата публика дојде до голем трофеј, прв во својата историја, откако во драматично финале беше подобра од ЖРК Вардар (24-22), а по мечот, имаше причини за задоволство кај тренерот Ненад Краљевски.

„Натпреварот го завршивме онака како што завршивме, со посакувана победа. Испишавме заслужено историја. Имавме напорен меч во полуфиналето, а во финалето проработеа емоциите. Ракометарките беа нервозни поради притисокот од публиката, секоја чест за ЖРК Вардар како тим, на чело со Симовски, селектор на македонската репрезентација. Публиката гледаше едно драматично финале, кое се одлучи во самиот финиш. Уште еднаш, секоја чест за сите екипи што учествуваа на овој турнир и за Град Куманово како организатор на истиот“, изјави Краљевски.

Девојките на Куманово во првенството многу веројатно ќе завршат на второто место и ќе имаат излез во Европа по крајот на актуелната сезона.