Крај на една ера: Драган Аџиќ по речиси 11 години заминува од Будуќност

Предводникот на женскиот ракометен тим Будуќност, Драган Аџиќ го напушти тренерското столче по речиси единаесет години на функцијата. Поточно, Аџиќ го водеше Будуќност десет години и десет месеци.

Искусниот стручњак си поднесе оставка по поразот на гости кај Ѓер во Лигата на шампионите. Поразот од шампионот не е толку страшен, ама формата на Будуќност беше променлива, па очигледно дојде време за промени.

Аџиќ е еден од најпознатите тренери во женскиот ракомет, а со тимот од Подгорица успеа да освои две титули во Лигата на шампионите по доаѓањето во клубот во 2010 година. Две години подоцна, тој беше прогласен за најдобар европски тренер, закитувајќи се со бројни титули. 

Покрај двете титули во Лигата на шампионите, Аџиќ и Будуќност освојуваа трофеи во Купот на победниците на куповите и десет во првенството на Црна Гора. Во своите патешествија во Европа, Будуќност многу пати беше ривал на ЖРК Вардар , ривал против кој играше и на „фајнал-фор“ турнирите.