• Горан Упале

Ракометната репрезентација на Македонија вечерва ќе го има своето деби на Светското првенство во Египет и на модерната арена „Каиро Стадиум“ ќе се судри со фаворизираната селекција на Шведска.
Нашата репрезентација синоќа пристигна во земјата на фараоните, а по строгите протоколи и неколкуте тестирања, доцна во ноќта се стационира во хотелот. Првичните информации говорат дека засега немаме никакви ковид-проблеми, а тоа му овозможи на селекторот Данило Брестовац утринава дури и да одработи тренинг со своите пулени и да им ги подели последните совети во пресрет на вечерашниот натпревар против скандинавскиот гигант.
Низ историјата против Швеѓаните сме играле само трипати, двапати бевме поразени и еднаш ремизиравме.
Дуелот меѓу Македонија и Шведска ќе биде втор од првото коло во групата Г, откако синоќа домаќинот Египет лесно ја совлада селекцијата на Чиле.