Котевски: Покажавме карактер на победници, најважно е што децата сакаат да учат

Екипата на Голден Арт КЛ7 синоќа (петок) приреди мало изненадување во Прилеп и со триумф ја започна борбата за опстанок во македонската ракометна елита. 

Најмладиот суперлигаш одигра борбен и квалитетен натпревар против домашната екипа на Прилеп, а кога беше најпотребно покажа карактер, за кој како што вели тренерот Игор Котевски – карактер на победници.

„Одличен натпревар се одигра синоќа во Прилеп, голема борба во вистинска смисла на зборот и победа на нашите млади играчи, триумф важен за подигање на самодовербата која и тоа како ќе ни треба во понатамошниот дел од првенството. Во натпревар со големи амплитуди во однос на резултатот, каде што во еден дел водевме три разлика, а за 7-8 минути губевме со исто толку разлика нашите играчи покажаа карактер. Карактер на победници, и во суштина тоа е нешто што или го имаш или го немаш. Најважно е што децата сакаат да учат, сакаат да бидат подобри од претходниот ден и со текот на времето ќе бидат уште поквалитетни. 

Клубот стои цврсто на земја и ќе продолжи со работа, да докажеме дека местото ни е во Суперлигата. Вчера во Прилеп победи спортот, ракометот, овие деца се иднината на македонскиот ракомет и во двете екипи има голем потенцијал за националниот тим.
Голема благодарност до домаќинот од кој имавме прекрасен прием и кој можам да кажам дека го водат вистински луѓе, и секако големо благодарам за подршката на нашите спонзори и условите кои им ги овозможуваат на овие млади македонски играчи“, рече новиот тренер Голден Арт КЛ7.

Во следното коло младите момци на Котевски на свој терен ќе го пречекаат тимот на Јуниор Кисела Вода, додека Прилеп прва победа ќе брка на гости кај Работнички.