• Иван Димовски

Косуке Јасухира се враќа во македонскиот ракомет и до крајот на сезоната ќе настапува за екипата на ГРК Охрид.
Јапонецот кој пред две сезони играше со многу успех за Вардар 1961 сега ќе ја разигрува екипата на Борис Ројевиќ. Тој е член на Бурган од Кувајт, а во Охрид ќе игра на позајмица до крајот на актуелната сезона.
„Пресреќен сум што се враќам во Македонија. Во тимот имам добри мои пријатели од Вардар, едвај чекам да заиграм за Охрид утре против Тиквеш, па потоа да можам да им помогнам на моите соиграчи за поуспешна сезона. Среќен сум за ваквиот пречек од нашите навивачи, тоа ми дава уште поголема мотивација“, изјави Јасухира.
Дел од навивачката група „Рибари“ го дочека Јасухира во голем стил. Десетина навивачи се собраа во сала и истакнаа транспарент за добредојде.
Во својата кариера Јасухира по доаѓањето во Европа беше член на Ним, Висла Плок и Вардар од каде се реши да замине во Кувајт.
Охрид игра историска сезона, ќе настапи во полуфиналето на Европскиот куп на ЕХФ каде што го чека двомеч со Целје, а во домашната Суперлига со последната победа над Еурофарм Пелистер полноправно влезе во игра за второто место.









