Косуке Јасихура се враќа во ГРК Охрид, ама од сезоната 2027/28!

Македонскиот суперлигаш ГРК Охрид обезбеди големо засилување за иднината, откако постигна договор за враќањето на јапонскиот ракометар Косуке Јасухира.

Иако клубот направи максимални напори тој да остане и во претстојната сезона, двете страни се договорија соработката повторно да започне од сезоната 2027/2028. Тој ќе се врати во Бурган со кого е под договор, а потоа ќе дојде во Македонија.

Со потпишаниот договор, Јасухира се обврза да го носи дресот на охридскиот клуб најмалку две сезони, со што раководството го обезбеди враќањето на еден од најомилените ракометари меѓу навивачите.

„Среќен сум што по само една сезона повторно ќе се вратам во клубот со кој го освоив мојот прв европски трофеј. Со нетрпение го очекувам повторното дружење со Рибари и со сите охриѓани. Верувам дека заедно ќе се бориме за нови титули и уште поголеми успеси“, изјави Јасухира.

Јапонецот остави силен впечаток за време на својот прв престој во Охрид, а беше многу важен дел од генерацијата предводена од Борис Ројевиќ која го освои првиот европски трофеј во историјата на клубот во Европскиот Куп на ЕХФ.