• Горан Упале
Ракометна Македонија вечерва повторно ќе биде во фокусот на вниманието, откако како прва резерва во последен момент влета меѓу учесниците на Светското првенство во Египет.
Радоста кај македонските фанови, особено кај ракометните што пак ќе играме на еден голем собир е голема, а искрена благодарност до првиот човек на ИФХ, Хасан Мустафа, за добиената можност да се најдеме меѓу најдобрите на светот испрати поранешниот сопственик на Кометал Ѓорче Петров и голем помаагател во мак-ракометот, Трифун Костовски.
Објавата на Костовски ви ја пренесуваме во целост:
„Почитувани пријатели, љубители на спортот, посебно на ракометот
Со голема радост ја примив информацијата дека нашиот национален тим, во последен момент пред отпочнувањето на Светското првенство во Египет, е поканет да учествува на првенството кое почнува за многу кратко време. Сакам да ја изразам радоста што како веќе афирмирана ракометна нација во светот, повторно ќе се најдеме на Светското првенство, на кое настапуваат само најсилните селекции. Кире, Стојанче и останатите, на вас останува, заедно со вашиот тренер да се изборите на паркетот за подобар пласман. Убедени сме дека ќе дадете сè од себе да ја промовирате Македонија на достоинствен начин, иако ги пропуштивте сите тренинзи и подготовки кои претходат пред еден ваков величествен настан. Користам прилика да му заблагодарам на првиот човек на Светската Ракометна Федерација, господинот Хасан Мустафа, голем пријател на Македонија и мој личен пријател за неговиот досегашен придонес за развојот на ракометот во Македонија. Честитки за претседателот на Македонската Ракометна Федерација, господинот Мукаетов, со молба да успее уште повеќе да ги мотивира нашите ракометни избраници. Да не заборавиме, животот не се состои само во материјалното, духот на поединецот и колективот е носител на највисоките достигнувања. Драги мои деца, ракометари, покажете што знаете, а сигурен сум дека знаете многу.