Костески: Во изолација сме, имам неколку опции за следната сезона

Поради пандемијата со коронавирусот речиси сите спортски првенства се „замрзнати“, меѓу кои и австрискиот ракометен шампионат, натпреварување во кое настапуваат тројца македонски ракометари. 

Никола Костески од оваа сезона ги брани боите на тимот на Линц и зад себе остави голем број на одлични партии, но поради суспендирањето на првенството е во самоизолација и го чека исходот дали сезоната ќе продолжи или ќе биде прекината. 

„Веќе една седмица првенството е ставено во мирување. Не тренираме со екипата, а од кондициониот тренер добивме посебна програма која треба да ја почитуваме затоа што сè уште не знаеме што ќе се случи со шампионатот. Засега во изолација треба да бидеме до 3 април“, ни рече десното крило. 

Поранешниот член на Металург е задоволен од својата форма во Линц, но сè уште не знае каде ќе игра следната сезоната, затоа што по завршувањето на оваа му завршува договорот со австрискиот тим. 

„Задоволен сум од сработеното во Линц и секако од мојата форма. Го давам максимумот како и тренинзите така и на натпреварите. Имаме млад тим кој игра брз и атрактивен ракомет. Но, како да ни фали искуство во клучните моменти кога треба да се постигне гол за победа. 

Иако Австрија беше непознат терен за мене, многу брзо се вклопив во екипата. Имавме одлични припреми, а најважно од сè е што бев одлично прифатен од соиграчите, целиот клуб и навивачите. Договорот ми завршува по крајот на оваа сезона, имам неколку опции каде во иднина, но ќе оставам времето да покаже“, вели стружанецот.

За крај го даде своето мислење за бараж двомечот на Македонија со Франција, кој треба да се одигра на почетокот на јуни.

„Ќе биде многу тешко да обезбедиме пласман на Мундијалот. Франција е моќна репрезентација, но треба да бидеме оптимисти и да веруваме дека сè е можно“, заврши Костески.  

Покрај Костески, во австриското првенство настапуваат уште Горан Крстевски (соиграч во Линц) и искусниот Влатко Митков, кој ги брани боите на Брегенц.