• Мартин Танасковски
Десното крило Ненад Костески имаше деби – го одигра својот прв официјален натпревар во дресот на Алкалоид и постигна два гола, но радоста брзо беше засенета од убедливиот пораз на гостувањето кај Хановер (27-37) во рамките на европските натпревари.
Македонскиот репрезентативец по мечот отворено зборуваше за причините за неуспехот и истакна дека клучниот фактор биле бројните нереализирани шанси од зицер позиции.
„Главен фактор за овој пораз беа нашите промашени зицери. Имавме многу шанси кои мораа да бидат реализирани, но за жал не успеавме. Доколку ги искористевме тие моменти, резултатот ќе изгледаше поинаку. Верувам дека можеме значително да се поправиме во тој сегмент и да ја вратиме самодовербата. Сигурен сум дека на реваншот можеме да понудиме многу подобра игра и резултат, иако е јасно дека играме против исклучително квалитетен тим од Бундеслигата,“ изјави Костески.
Тој додаде дека Алкалоид допрва ќе го покаже своето вистинско лице и дека тимот има капацитет да изгледа многу посилно на домашен терен.
„Мислам дека ова не беше нашето вистинско лице. Се надевам дека ќе прикажеме многу подобро издание во Скопје, бидејќи верувам во квалитетот на тимот и знам дека можеме да изгледаме во многу подобро светло,“ потенцираше Костески.
Алкалоид во Скопје ќе се обиде да го искористи домашниот терен и поддршката на публиката за да се рехабилитира од тежок пораз и да покаже дека може рамноправно да се носи со европски реномиран противник.





