• Иван Димовски

Ракометарите на Алкалоид престојуваат во Маврово и се подготвуваат за новата натпреварувачка сезона. Еден од повратниците во тимот за новата кампања ќе биде Никола Костески. Искусното крило работи заедно со Марко Митев, двајцата се во период на враќање на формата по повредите кои ги имаа.
„Се подготвуваме во фаза со физиотерапевтот Тоше Трајковски, тој го води рехабилитацискиот процес за враќање на мускулот. Се чувствувам добро, се надевам дека ќе биде се како што треба. Тренираме заедно со Марко Митев за да ја вратиме формата, под специјална програма и со велосипеди.
За нашата екипа може да кажам дека сме добро склопени, со засилен ростер и имаме поставени цели кои се високи. Моментална пречка во Европа ни е Хановер, тоа ќе бидат наши две први официјални средби. Сигурно дека го добивме можеби најтешкиот ривал, но ќе се надигруваме. Нема да потклекнеме пред ривалот, иако Хановер е бундеслигаш кој беше прво место во поголемиот дел од сезоната. Моментално, ако согледаме одблизу македонската лига е на највисоко ниво, оваа година сме четири до пет квалитетни екипи во битка за горниот дел на табелата. Нашите цели секако се највисоки и во лигата и во Купот, така што ќе играме против секого“, изјави Костески.
Исто така, искусното крило зборуваше и за шансата да ја дели клупската соблекувална со својот брат Ненад Костески.
„Прекрасно е да се игра заедно и сум пресреќен, како постар сум тука да го советувам за се што треба, со цел да имаме подобар квалитет и да стигнеме до целта и да се креваме како играчи и тим. Бевме со него заедно во репрезентацијата во еден момент, а сега првпат сме заедно во клуб. Имаме ова година квалитетен ростер на играчи, а пред нас е тешка и долга сезона“, смета ветеранот.
Братското дуо ќе ја дели минутажата во новата сезона во дресот на Алкалоид, а двајцата доаѓаат по тешки повреди.
