Костески: Не е лесно да се игра пред ваква публика како битолската 

Со еден гол од исто толку обиди, Ненад Костески вечерва учествуваше во победата на својата екипа ППД Загреб над Еурофарм Работник на последниот натпревар на македонскиот тим пред својата публика. 

Младото десно крило, кое од оваа сезона го носи дресот на „плинарите“ им честита на ракометарите на Еурофарм за коректната игра, но и на битолската публика која вечерва беше дојдена во солидна бројка да го бодри домашниот тим.

„Знаевме дека ќе биде тесен и возбудлив натпревар, голема улога за тоа има и битолската публика која дојде во голем број да ја бодри домашната екипа.

Сакам да му честитам на домаќинот за коректната игра, а среќен сум што успеавме да славиме на еден така тежок и важен натпревар за нас“, рече репрезентативното крило. 

Со оваа победа ППД Загреб ги зголеми шансите за второто место на табелата во групата Б, додека Еурофарм останува на четвртата позиција со три победи и пет порази.