Костески: Мотивирани сме од настапот на СП, водени од публиката сакаме победа над Словенија

Ракометарите на Македонија се собраа во Скопје во пресрет на двомечот против Словенија во рамките на квалификациската група за Европското првенство. 

Нашата селекција доаѓа во овој двомеч со некои нови ветрови, по одличниот настап на Мундијалот во Хрватска, со значително подобрена атмосфера. Тоа го потврди и репрезентативното крило Ненад Костески.

„Нè очекуваат два дуели против силна Словенија, знаеме за каква репрезентација станува збор. Не смее да се потцени во никој случај, имаме неколку дена да се подготвиме за тој меч. Треба да бидеме спремни за првиот дуел пред полна сала, очекувам дека ќе имаме огромна поддршка и публиката ќе не носи. Мислам дека тоа Светско првенство ќе ни биде мотив плус за да дадеме добар натпревар. Секако дека нема да се предадеме, одиме на победа со својот максимум.

Реално Словенија има одлични индивидуалци. На сите позиции се покриени добро, играат брз и модерен ракомет. Треба добро да ги анализираме во овие неколку дена, да излеземе на терен и да го одиграме тој натпревар“, изјави Костески.

Македонија прво в среда ќе ја дочека Словенија во СЦ „Борис Трајковски“, а четири дена подоцна гостува во Копер.