Костески: Мешков Брест е репрезентација на Белорусија, имаме максимален респект за нив

Втора година поред белорускиот првак Мешков Брест е противник на Еурофарм Пелистер во елиминационален натпревар од регионалната СЕХА лига. За разлика од минатата сезона, кога Белорусите славеа на двата натпревари, годинава се игра само еден натпревар, утревечер од 20:15 часот во Битола.

Десното крило Ненад Костески едвај чека да почне дуелот во спортската сала „Боро Чурлевски“.

„Ја започнуваме новата сезона, ни следи првиот официјален натпревар. Напорно се подготвувавме за овој битен дуел. Многу битен натпревар за сите нас. Со победа ќе се квалификуваме на завршниот турнир на СЕХА лигата, а тоа би бил преголем успех за сите нас. Мешков Брест е одлична екипа. Без разлика што имаат измени во ростерот, сепак костурот на белоруската репрезентација е во овој тим. Добро се воиграни, играат заедно и се работи за респектабилен тим. Очекуваме поддршка од трибините, нашиот „осми играч“ ќе ни биде најпотребен. Не се сомневам дека ќе биде исполнета салата. Битола живее за овој спорт и верувам дека со наша добра игра и нивна поддршка ќе се радуваме на пласман на „фајнал-фор“ на СЕХА лигата“, смета Костески. 

Ракометарите на Мешков Брест денес двапати тренираа, откако синоќа пристигнаа во Битола.