• Горан Упале

Поранешниот ракометен репрезентативец на Македонија, Никола Костески, иако зад себе остави фантастична сезона во редовите на Линц, нема повеќе да ги брани боите на австрискиот прволигаш.
Двете страни не успеаја да пронајдат заеднички јазик и македонскиот ракометар својата кариера ќе ја продолжи во друг клуб. Стружанецот беше еден од најдобрите поединци во тимот, но преговорите не вродија со плод и нивната соработка завршува по две сезони.
Костески беше еден од најдобрите стрелци на Линц и воопшто во австрискиот шампионат, а благодарение на своите фантастични партии беше сместен во потесниот избор за најдобро десно крило на сезоната во Австрија.
28-годишниот Костески своите ракометни почетоци ги имаше во редовите на Струга, а пред да започне интернационална кариера, со успех настапуваше за Металург, клуб со кој играше во Лигата на шампионите и СЕХА лигата.