Костески го предводеше Линц до воведна победа во сезоната над Брегенц

Ракометарите на Линц ја стартуваа сезоната во австриската Прва лига со триумф кај Брегенц од 26-30 (14-15). Гостинската екипа уште од стартот ја контролираше играта и имаше предност, а концентрацијата падна само околу полувремето. Сепак, со ефектен финиш Линц ги освои првите бодови во лигата. 

Македонскиот интернационалец Никола Костески беше најдобар поединец во редовите на својот тим и со шест погодоци на своето конто го предводеше тимот до воведна победа во лигата. Покрај головите, Костески успеа два пати да асистира, ама и да украде три топки од противниците, со што беше корисен на двете страни од теренот. 

Покрај него, со по пет гола голем придонес имаа Врдољак и Кислингер, додека најефикасен со исто голови како Македонецот кај Брегенц беше Васел.