• Мартин Танасковски

Главната фаза на подготовките на Алкалоид во Маврово е особено важна за играчите кои минатата сезона имаа пехови со повреди. Еден од нив е Никола Костески кој имаше пауза, но сега тоа е минато, а тој без никакви ограничувања работи на тренинзите.
„Најбитно е што се вратив по долга пауза, тоа беше сериозна повреда. Но, мило ми е што сега сум од почеток на подготовките здрав и спремен за тренинзи. Тоа е најбитното, сите да сме здрави и да сме комплетни. Во текот на летниот период имавме програма, предподготвителен период за да можеме да стартуваме со ритамот во подготовките. Работиме во убава атмосфера. Во прв план сега ни е кондицискиот дел и подготовката на тактиката. Задоволни сме сите, имаме добар ростер… Се знаеме добро со Борозан и Цехте, Сухолежник ни е нов, но добро се вклопува. Долго сме во овој проект и знаеме како функционира. Професионалци се сите, си ги знаат задачите. Овде имаме добри услови, температурата е одлична за работа, тренерот ги постави целите за овој дел од подготовките и сите си ја работиме нашата работа“, изјави Никола Костески.
Алкалоид во следната сезона покрај Суперлигата, Купот на Македонија и ЕХФ Европскиот Куп ќе биде дел и од новото регионално натпреварување и ќе има плус предизвици и за сите нив ќе мора да биде добро подготвен. Следат и првите контролни натпревари, но во моментов фокусот е на физичката спремност, а добрата вест од клубот е што сите ракометари се здрави и од прв тренинг работат со полн интензитет.






