Коста: Еурофарм Пелистер го добивме потешко одошто говори резултатот

Спортинг го одбрани домашниот терен, го совлада Еурофарм Пелистер и направи чекор напред во битката за плеј-оф во Лигата на шампионите. По натпреварот говореше тренерот Рикардо Кошта, кој истакна дека до бодовите се дошло тешко.

„Одигравме еден меч кој го добивме потешко одошто говори резултатот. Во првото полувреме чувствував дека тимот е уморен, но си ја завршивме задачата во одбрана и Андре Кристенсен доста помогна. Ни фалеше константност, но тој момент во играта ни се појави во второто полувреме. Благодарност до сите фанови кои ни помагаат на овој долг и успешен пат“, изјави тренерот на Спортинг.

Спортинг Лисабон по 11 одиграни кола се наоѓа на второто место во групата од Лигата на шампионите со 15 бода, пет помалку од лидерот Веспрем, а еден повеќе од Фуксе Берлин и ПСЖ. До крајот на групната фаза има уште три натпревари.