• Зоран Мишевски
Ракометарите на Еурофарм Работник се елиминирани во осминафиналето на Челинџ Купот, откако и во вториот натпревар загубија од норвешкиот Филинген Берген, овој пат со 36-28 (15-16).
Македонскиот претставник одлично го отвори натпреварот и преку бековите Петровски и Крстевски поведе со 0-3 во четвртата минута. Репрезентативецот Горан Крстевски поврза уште два гола за 2-5 во 9. минута. Тимот на Илија Темелковски функционираше во сите линии, за разлика од лошиот почеток во Битола, каде битолчани беа непрепознатливи.
Норвежаните правеа грешка за грешка и Ојлески со два гола ја зголеми предноста на +5. По тајм-аутот „жолто-сините“ ги средија своите редови и Јохансен и Матиќ погодија за 4-8 на половина полувреме. Крстевски беше нерешлива енигма за Норвежаните, Граџан погоди, а контрите на Ојлески беа неодбранливи. Падот на концентрација во финишот на првиот дел им дозволи на Хвидтсен и Јохансен да намалат на 13-15. Матиќ погоди во последните секунди од првиот дел за 15-16 по првото полувреме.
Лошиот финиш на првиот дел остави сериозни траги кај момците на Темелковски, кои ужасно лошо го почнаа вториот дел и за само девет минути Филинген Берген направи серија 11-3 и убедливо поведе со 27-19. Голем дел од головите паднаа по технички грешки, со брза транзиција и голови од контра напади. Хвидтсен и Матиќ до врв ја наполнија мрежата на битолчани, па ниту два тајм-аута на Темелковски не помогнаа да се фати приклучок.
Втората половина од вториот дел беше чиста формалност, „фармацевтите“ не ја спуштија разликата под пет гола и на крајот Филинген Берген извојува победа од 36-28. Најефикасни во тимот на Еурофарм Работник беа Крстевски со седум, Ојлески со шест и Граџан со пет гола, а кај Филинген Берген се истакнаа Матиќ со осум и Хвидтсен со седум гола.