Кошмарен прв дел, само чудо ја спасува Македонија

Македонската ракометна репрезентација го одигра најлошото прво полувреме на Европското првенство и по 30 минути игра заостанува зад Австрија за високи шест гола. Домаќинот на првенството води со 18-12 и само чудо може да ја спречи македонската елиминација од шампионатот. 

Австријците подобро го започнаа натпреварот, поведоа, а и Стоилов во втората минута беше исклучен. Следеа „бомби“ на Божовиќ и Билик за 4-1 во петтата минута. Македонските ракометари одговорија со голови на нашите кружни напаѓачи Пешевски и Стоилов, па и Георгиевски реализира контра за 4-4. 

Пајовиќ постави стриктна одбрана на Лазаров и од две брзи контри домаќинот ја врати предноста (6-4). Ајхбергер се разбрани, ги сопре Лазаров и двапати Кузмановски, но Митревски одлично го чуваше и нашиот гол. Бројот на технички грешки на избраниците на Брестовац, Австријците го искористија и Вебер и Билик погодија за 9-6. Кога Вебер реализираше контра во 19. минута, првпат предноста достигна +4. 

Нашата игра во одбрана се распадна, домаќините погодуваа од сите позиции и Фримел и Пош во 25. минута погодија полуконтра за највисоки 16-10. Ајсбергер беше централна фигура во првиот дел и со своите девет одбрани им овозможи на соиграчите на одмор да заминат со 18-12.

Најефикасни во австрискиот тим беша Вебер и Билик со по четири гола, а кај Македонија се истакнаа Стоилов и Георгиевски со по три погодоци.