Корона-проблемите зедоа данок, Данска ги среди залетаните „рибари“

Ракометарите на Данска со победа ја отворија втората рунда на Европското првенство, користејќи ги проблемите на Исланд за победа од 28-24 (17-14). Пресметката во „МВМ Доме“ во Будимпешта понуди неизвесност во првиот дел, ама „рибарите“ немаа среќа со коронавирусот и со тоа немаа сили да се спротивстават на гигантот. 

Селекторот Гудмундсон остана без најдобриот Арон Палмарсон, а ги нема ниту Елисон, Густавсон, Јонсон, Кристјансон и Гудмундсон. Од друга страна, Јакобсен можеше да смета на сите ракометари и Данците го искористија тоа. 

Исланд отвори подобро, поведе на стартот и одржуваше два гола предност, но скандинавскиот ривал бргу се консолидираше. До полувремето Данска презеде сè во свои раце, поведе со највисоки +4, а на пауза замина со 17-14. Во продолжението Исланѓаните не се откажаа, пријдоа на минус еден, ама немаа сили за целосен кам-бек и го положија оружјето пред фаворитот. 

Матијас Гидсел со девет погодоци блесна во победничкиот табор, а одлична партија имаше и голманот Мелер со 14 интервенции. На спротивната страна најдобар беше Магнусон со осум погодоци. 

Данците со оваа победа се израмнија со Франција на врвот во групата со четири бода, додека Исланд по првиот пораз остана третопласиран со два бода.