Коњановски: Оваа платформа е мотив како спортот, бизнисот и градот треба да опстојуваат!

Иако во Битола се зборува само за натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Пари Сен Жермен, кој ќе се одигра вечерва во спортската сала „Боро Чурлевски“, една друга ракометна тема ги израдува битолчани и вистинските љубители на ракометот.

Денес беше продолжена „Платформата за ракометна Битола“, а со тоа загарантиран е компетитивен проект и во иднина. Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, порача дека денешниот потпис значи многу за Општината, граѓаните, навивачите...

„Нема поголемо задоволство и чест заедно да продолжиме една успешна платформа која во изминатите шест години во три наврати ја продолжуваме.

Отвараме нов период на обострано задоволство. Јас секаде тоа го потенцирам дека ова треба да биде мотив за сите како треба спортот, бизнисот, градот да опстојуваат заедно во една платформа. Голема благодарност и за поддршката од спортската јавност, на новинарите, на медиумите, на граѓаните на Битола, секако и на „Чкембарите“. Сите задоволни да продолжиме во еден многу светол период со истите и поголеми амбиции понатаму, во периодот кој ќе отвори нови врати на ракометот. Овој спортски храм треба да живее и натаму. Знаете дека имаме иницијативи и  огромни вложувања во спортот, така што резултатите се видливи и ќе бидат уште подобри“, рече градоначалникот Коњановски.

Еурофарм Пелистер три години по ред е шампион на Македонија, баш во периодот во кој беше продолжена спомената платформа.