Комесарот на ИХФ за Николов и Начевски: Го судеа финалето затоа што се најдобри!

На почетокот на Светското ракометно првенство, кое што се одигра во Полска и Шведска се крена многу прашина околку прилогот на „Спорт радар“ и данскиот медиум „ТВ2“ во врска со влијаењето на одредени судии во местење на ракометни натпревари.

Така, во текот на последниот ден од шампионатот, наследникот на Гаљего на позицијата комесар за судење во Меѓународната ракометна федерација, Норвежанецот Пер Мортен Содал, се обиде да им ја објасни номинацијата на македонската судиска двојка Начевски - Николов на своите дански колеги.

„Тој случај е доста стар. Имам целосна доверба дека ЕХФ и полицијата веќе го истражиле случајот. Јас не сум полицаец. Нема што да ги инкриминираме судиите, тие се на турнирот како и сите други.

Го судеа финалето затоа што се најдобри за таква задача“, изјави Содал.

Начевски и Николов одново покажаа дека заслужено се сместени меѓу најдобрите на светот, и синоќа перфектно го отсудија големото финале меѓу Франција и Данска.