Кокшаров: Ќе играме со комбиниран состав, но ќе сториме сé за нова СЕХА-победа

Новиот тежок пораз во Лигата на шампионите од Веспрем донесе продолжение на кризата во која што се наоѓа македонскиот и европски првак Вардар. Натпреварите во СЕХА лигата се можност за десеткуваниот состав на Едуард Кокшаров да ја врати самодовербата во пресрет на остатокот од сезоната.

Русинот ќе има тешка задача да го состави тимот на гостувањето кај Војводина, но се надева на добро издание на своите избраници.

„Тешко се справуваме со сите повреди, но и покрај тоа, цело време се обидуваме да дадеме максимум. Патуваме во Нови Сад по тешкиот натпревар во Лигата на шампионите. Војводина има сериозен, силен тим. Ќе играме со комбиниран состав, но ќе сториме сé што можеме за да победиме на натпреварот.

Остануваат уште неколку натпревари во СЕХА лигата пред крајот на регуларниот дел од сезоната и ќе дадеме што е во наша моќ да го затвориме ова поглавје со позитивен скор“, вели предводникот на вардарци.

„Црвено-црните“ се фаворити на овој меч, со оглед на традицијата која вели дека победиле на десет, а загубиле само на еден меч против српскиот прволигаш.

Натпреварот во Нови Сад се игра денес во 20:45 часот.