Кокшаров: Ако треба ќе играме и со голмани на бек, ама не се даваме!

Регионалниот првак Вардар го презеде врвот во СЕХА-лигата со победа над Мотор Запорожје (44-37). По натпреварот, тренерот на домашните, Едуард Кокшаров, истакна дека триумфот радува, но истовремено загрижува и здравствениот билтен на тимот, но никој не размислува предвреме да крене бело знаме.

„Кажав и пред мечот дека имаме наши планови, но и проблеми. Екипата покажа добар меч, скоро 40 минути држевме главни играчи на терен и дојдовме до победа. Од бековската линија ни остана само Скубе, втор меч по ред крила ни играа како бекови. Но, ситуацијата е таква каква што е. Сега размислуваме за мечот против Киелце во ЛШ и се подготвуваме за тоа. Ние во моментов имаме две опции, да не одиме да играме и пред време да се предадеме, или да одиме и машки да се бориме. Ако треба, ќе играме и со голмани на бековска позиција, ама нема да се предадеме никогаш предвреме“, изјави Кокшаров.

Вардар сега се фокусира кон обврските во Лигата на шампионите, каде гостува во Киелце. СЕХА-лигата, пак, продолжува на гостување кај Нексе.