Кокс тесно го доби Пролет, Прилеп и Дубочица до сигурни победи

Фински Кокс успеа да слави над македонскиот суперлигаш Пролет 62 (29-26) и така ја запиша првата победа на турнирот „Миле Нешкоски“ кој се одржува во Прилеп.

Кокс успеа да слави над ривалот со подобра игра во финишот и така ги впиша првите бодови на турнирот. Претходно, Финците доживеаја непланиран пораз од најновиот суперлигаш Мулти Есенс. Финците подобро го отворија мечот и поведоа со 3-7, резултат при кој Лембанов побара одмор. Тоа не го запре налетот на Кокс, противникот поведе и со 4-10 по што Пролет конечно се разбуди и почна да се враќа резултатски.

  • Комплетниот натпревар меѓу Кокс и Пролет: 

По два постигнати гола во празна мрежа негативата беше намалена на 7-10, а Димковски со гол од контра и изнуден пенал помогна да се стигне до 10-11. Михаљевиќ влезе при 12-10 и одбрани пенал, Кокс имаше и 14-10, но Пролет беше поумешен во финишот, намалувајќи на 13-14 по уште еден промашен пенал на ривалот буквално во последната секунда.

Како пресуден се покажа стартот на второто полувреме, откако по едно исклучување во таборот на Пролет финските ракометари веднаш влегоа во серија и поведоа со 13-17. За разлика од првиот дел во кој избраниците на Лембанов успеаја да се вратат, овојпат тие немаа сили за камбек, во самиот финиш се приближија со 26-28, но не можеа целосно да се вратат во мечот што заврши со конечни 26-29.

  • Комплетниот натпревар меѓу Прилеп и Скопје: 

Домаќинот Прилеп има два од два затоа што успеа да слави во дуелот против Скопје (25-20). Слично беше и со бранителот на тронот РК Дубочица од Србија, кој беше подобар од Струга со резултат 35-21.

Во текот на утрешниот ден (недела) ќе се одиграат последните средби од групите - Скопје ќе се соочи со Струга, Пролет со Мулти Есенс, Кокс ќе игра со Еурофарм Пелистер 2, додека Прилеп оди на мегдан со Дубочица. По овие натпревари ќе се знаат дуелите за пласман.