Кој ќе ја запре Барса на патот до нов трофеј во ЛШ: Почнува новата сезона во ракометната елита

Новата сезона од ракометната Лигата на шампиони тропа на врата, па одново се поставува истото прашање – кои четири екипи ќе одат до крај, односно ќе учествуваат на завршниот турнир во Келн.

Европската ракометна федерација (ЕХФ) споредувајќи ги составите, новите засилувања ги одреди фаворитите за пласман на Ф4 турнирот следниот јуни, а на врвот на листата е бранителот на титулата Барселона.

Барса летово го задржа речиси целиот ростер. Тренерот Карлос Ортега на располагање ќе ги има истите ѕвезди кои минатата сезона го совладаа Алборг во финалето во „Ланксес Арена“ и на Барса ѝ ја донесоа единаесеттата титула од европската елита. Каталонскиот клуб ќе биде дел од групата Б, и е прв фаворит за директен пласман во четвртфиналето. Барса е тимот со најмногу одиграни натпревари во Келн, а се претпоставува дека таа бројка ќе биде зголемена оваа сезона. 

Како втор фаворит за трофејот во Лигата на шампионите се споменува Веспрем. Унгарскиот гигант исто така е меѓу најчестите учесници во Келн, но сè уште го сонува најпрестижниот ракометен трофеј. Трикратниот освојувач на Лигата на шампионите, Лука Циндриќ, е најзвучното име кое ова лето го засили Веспрем, кој оваа сезона ќе атакува по осмото учество на завршницата во Келн.

Зад Веспрем се наоѓа вицешампионот Алборг, па следуваат Магдебург, ПСЖ, ПИК Сегед, Фуксе Берлин и Киелце. И оваа сезона Еурофарм Пелистер ќе ја претставува Македонија. „Зелено-белите“ ќе бидат дел од групата А, заедно со Динамо Букурешт, ПСЖ, Висла, Веспрем, Спортинг, Фуксе и Фредериција.