Кој ќе го замени Брестовац: Ќе се бара странец или довербата ќе падне на домашен стратег?

Со визија за подмладување на селекцијата и стратегија поразлична од неговите претходници, пред една и пол година дојде на местото на Раул Гоназалез, но селекторската ера на Данило Брестовац на чело на Македонија не траеше толку долго, затоа што денес спогодбено го раскина договорот со Македонската ракометна федерација.

Младиот стратег на чело на селекцијата пристигна во јуни 2019 година и на македонската јавност им го претстави својот план и визија како да ќе ја води репрезентацијата, но неговата филозофија и начин на работа не донесоа резултати, па можеби разделбата беше најдобрата опција за двете страни.

<<< ПОВРЗАНО - Македонија бара нов селектор, Брестовац спогодбено го раскина договорот со РФМ

Ако се одземат квалификациските натпревари, на кои одигравме одлични натпревари против Исланд, Швајцарија, Финска..., на големите натпреварувања Македонија на Брестовац тотално потфрли. Така беше пред минатиот јануари, на неговиот дебитантски настап на еден голем собир како селектор, а речиси истото сценарио македонската јавност го гледаше и овој јануари.

На Европското првенство минатата година Македонија не ја помина групата, што секако е разочарување за една ракометна нација, додека на Светскиот шампионат, кој сè уште е во тек, претрпе тешки порази од Египет, Русија, Словенија и Шведска, па го запиша својот најлош пласман на еден Мундијал во историјата.

Сега, Ракометната федерација на Македонија на чело со претседателот Живко Мукаетов мора да реагира брзо и да ја пронајде замената на Брестовац, затоа што Македонија уште во март ја чека два квалификациски дуели со моќната Данска. А, кој ќе ја добие довербата сè уште е тема кој виси во воздух, односно дали РФМ ќе се одлучи за странец или пак повторно шанса ќе добие некој домашен стратег?