• Саше Љолес
Еурофарм Пелистер го очекува нов европски предизвик, откако утре од 18:45 часот ќе му гостува на Гумерсбах во третото коло од групната фаза во Европската лига на ЕХФ.
Германскиот тим во дуелот влегува со дополнителна самодоверба по победата од 34-30 на гостувањето кај Ла Риоха, додека битолчани ќе се обидат да стигнат до првиот триумф во натпреварувањето. Предноста на домашниот терен ќе биде важен фактор за Гумерсбах, кој со нови бодови може да направи голем чекор кон пласман во следната фаза.
Левото крило на германскиот состав, Тилен Кодрин, очекува неизвесен натпревар и предупредува дека Пелистер е сериозен противник.
„Натпреварот со Ла Риоха беше многу важен за нас и среќни сме што одигравме добро. Сакаме да продолжиме во истиот ритам и пред нашите навивачи повторно да прикажеме добра игра“, изјави Кодрин.
Словенечкиот ракометар има голем респект за битолскиот тим, кој во изминатата сезона настапуваше во Лигата на шампионите. Од друга страна, според Кодрин, битолчани се потпираат и на искусните ракометари Никола Митревски, Филип Кузмановски и Жарко Пешевски, кои треба да имаат важна улога во обидот за подобри резултати во Европа.
„Пелистер има многу добар тим. Групата е исклучително изедначена, па затоа ќе мораме да го покажеме најдоброто од себе“, истакна Кодрин.
По првите две кола, Гдањск е на врвот на табелата со три бода, додека Гумерсбах и Ла Риоха имаат по два, а Пелистер е со еден освоен бод. Македонскиот претставник досега загуби од Ла Риоха со 24-31, а потоа одигра нерешено 31-31 против Гдањск.
Гумерсбах, пак, на стартот беше поразен од Гдањск со 34-38, пред да слави во Шпанија. Со оглед на изедначеноста во групата, секој бод може да биде пресуден во борбата за првите две места кои водат во следната фаза.
Пелистер го очекува тешка задача во Германија, но битолчани ќе имаат можност да покажат дека можат рамноправно да се надигруваат со силните европски противници и да ја подобрат својата позиција во групата.



