Клод Онеста најдобар тренер, Никола Карабатиќ најдобар играч за 2015 година

Тренерот на златната генерација на францускиот ракомет, Клод Онеста е избран за тренер на годината, додека неговиот сонародник, Никола Карабатиќ е играч на годината, според веб порталот „Хендбал планет“.

58-годишнот французин е на клупата на „триколорите“ уште од 2001 година. Со репрезентацијата на Франција има освоено многу големи натпреварувања и трофеи, од кои последен е златниот медал на Светското првенство во Катар 2015 година.

Од друга страна, 31-годишниот Kарабатиќ е првиот играч кој ја одбранил титулата од минатата година. Плејмејкерот на ПСЖ, ја заслужи наградата, не само заради златниот медал во Катар, туку и заради победата во Лигата на шампионите, со поранешната екипа, Барселона.

Зад Онеста, останаа стратегот на Катар, Валеро Ривера и Чави Паскал, тренерот на Барселона. Талант Душебаев, заврши на четвртата позиција.